ВЕСТИ / NEWS


 

GANG OF FOUR

ЌЕ ГО ОТВОРАТ ГОДИНЕШНИОТ OFF-FEST

Британските пост-панк икони Gang Of Four го потврдија својот настап на годинешниот OFF-Fest. Нивниот концерт во Скопје ќе се одржи на 24-ти мај во клубот „Хард-Рок“, на стартот на седмото издание на OFF-Fest.

Формирани во 1977 година од страна на Џон Кинг (вокали), Енди Гил (гитара), Дејв Ален (бас) и Хуго Брнам (тапани), Gang Of Four важат за пионери на една од најиновативните, највлијателните и најдолговечните струи на раната британска пост-панк ера (1978-1983). Комбинирајќи ги интелигентните, саркастични,  социјално-политички текстови со жестокиот, цврст и дисонантен панк-рок израз, Gang Of Four создадоа армија следбеници и почитувачи на нивното дело. Музиката на овој култен британски состав претставуваше инспирација за голем број светски бендови (U2, R.E.M., Rage Against The Machine и Red Hot Chili Peppers), а нивното влијание во меѓувреме не само што не пресуши, туку напротив, продрe до највозбудливите и најинтересните експоненти на денешната современа рок-сцена: LCD Soundsystem, Franz Ferdinand, Radio 4, !!!, Rapture, Futureheads, The Rakes и многу други. Gang Of Four беа и останаа несомнено еден од најзначајните бендови во историјата на светската рок музика.

Влезниците за концертот на Gang Of Four ќе бидат пуштени во продажба на 5 мај.